Технолошкиот гигант Фејсбук денес објави дека избришал 2,632 страници, групи и профили на социјалните мрежи Facebook и Instagram поради „координирано неавтентично однесување“. Операциите на овие страници и профили потекнувале од Иран, Русија, Македонија, Косово и други држави. Сепак, не биле откриени некакви врски помеѓу активностите од различните држави, но користеле слични тактики за создавање на мрежа од профили со цел погрешно да ги наведуваат останатите корисници за тоа кои се и што прават.
Од Македонија и Косово биле раководени 40 од избришаните страници, односно 172 од избришаните профили. Според Фејсбук, индивидуалците позади овие активности користеле лажни профили за да администрираат страници кои споделуваат општи, државно не-специфични содржини поврзани со астрологија, јавни личности и совети за убавина. Тие исто така раководеле и со мал број на страници кои наводно претставувале политички заедници во Австралија, Обединетото Кралство и САД – и постирале содржини поврзани со религиозни и политички теми, како национализам, Ислам и одредени политички личности.
Избришаните страници од Македонија и Косово имале фкупно 685,000 следбеници, а на нив биле потрошени и 5,800 долари за реклами, платени во долари, евра, фунти и филипински песози. Првата реклама била платена во октомври 2013, додека пак последната во март 2019 година.
Акцијата на Фејсбук била потикната од органското пријавување од страна на корисниците, но и од новинарските известувања во Австралија. Од компанијата посочија дека информациите добиени од акцијата ќе ги споделат со релевантните спроведувачи на законот во соодветните земји.
„Континуирано работиме на откривање и спречување на овој вид активности бидејќи не сакаме луѓето да бидат манипулирани преку нашите платформи. Ние ги бришиме овие страници и профили врз основа на нивното однесување, а не поради содржините кои ги објавуваат. Во секој од случаите, индивидуите позади активностите се координирале меѓу себе и користеле лажни профили со цел лажно да се претставуваат,“ истакнаа од Фејсбук.
Во продолжение на соопштението, Фејсбук сподели и три постови кои биле објавени од страна на избришаните страници од Македонија и Косово: