Технолошката компанија Фејсбук ги објави податоците за своите приходи во вториот квартал на 2020 година, забележувајќи двоцифрен раст и покрај пандемијата на корона вирусот.
Приходите на Фејсбук во вториот квартал пораснале за 11% во однос на истиот период минатата година, достигнувајќи износ од 18.7 милијарди долари – поголемот дел од кои следуваат како резултат на огласувачките услуги на платформата.
Растот на Фејсбук ги надмина очекувањата на аналитичарите кои предвидуваа приходи од „само“ 17.4 милијарди долари. Сепак, ова претставува најнискиот раст кој го има забележано компанијата откако се појави на берзата во мај 2012 година.
Од Фејсбук посочија дека во текот на третиот квартал очекуваат мал пад на растот на околу 10% (онолку колку што растот отприлика им изнесувал во текот на месец јули), како резултат на „одредени огласувачи кои го паузираа трошењето на нашите платформи“.
Во текот на јули, Фејсбук се соочи со бојкот од над 1000 брендови, меѓу кои се најдоа и имиња како Coca-Cola, Verizon, Starbucks, Unilever, Ford и други, барајќи построги регулации од Фејсбук во однос на говорот на омраза.
Информациите за приходите на Фејсбук беа објавени еден ден откако генералниот извршен директор Марк Зукерберг сведочеше пред американскиот Конгрес како дел од процес против четирите најголеми технолошки компании во САД, кои од страна на властите се обвинети за нелојална конкуренција.
За време на сослушувањето, Зукерберг истакна дека компанијата нема намера да ги определува своите правила под притисок од огласувачите.