На специјален настан за промоција во средата вечерта, светската куќа на фудбалот ФИФА го откри логото за претстојното Светско првенство во 2026 година.

Логото го прикажува златниот трофеј на Светското првенство, изведен на реалистичен начин и поставен врз бројките 2 и 6, кои што, пак, се испишани со „квадратест“ фонт и подредени една под друга.
Иако логото оригинално беше претставено во бела боја на црна позадина, ФИФА посочува дека тоа може да се прилагодува на различни бои со цел да ги одразува индивидуалните идентитети на 16-те градови ширум САД, Канада и Мексико, кои што ќе бидат домаќини на настанот.
„За прв пат во историјата, се прикажува слика на вистинскиот трофеј и годината во која се одржува турнирот, формирајќи иновативен дизајнерски јазик кој го закотвува амблемот на Светското првенство на ФИФА за 2026 година и понатаму“ – стои во соопштението на ФИФА.
„Сликата на трофејот и годината овозможуваат прилагодување со цел да се одрази уникатноста на секој еден домаќин, притоа градејќи препознатлива бренд структура за годините што следуваат“ – додаваат од организацијата.
Со флексибилното брендирање, градовите домаќини сега ќе можат слободно да го комбинираат официјалното лого со симболи кои резонираат со нивната специфична култура и наследство, а во кои милиони навивачи од целиот свет ќе се „нурнат“ штом дојде време за одигрување во 2026 година.
🇺🇸🇲🇽🇨🇦 The road to the 2026 #FIFAWorldCup has begun! #WeAre26
— FIFA World Cup (@FIFAWorldCup) May 18, 2023