Една од најпознатите компании за производство на тутун, Филип Морис, е обвинета за “невидено лицемерие” поради новата кампања која ги повикува пушачите да ги остават цигарите. Според компанијата, рекламата претставува “важен чекор” кон “конечен престанок на продажбата на цигари”.
Но, Британскиот центар за истражување на ракот укажува дека компанијата само се обидува да промовира замена за пушењето.
“Ова е невидено лицемерие”, велат од центарот, додавајќи дека Филип Морис сеуште промовира пушење надвор од Велика Британија. “Најдобриот начин за Филип Морис да им помогне на луѓето да престанат со пушењето е да престанат да произведуваат цигари”, вели Џорџ Бетворт, раководител на Центарот за истражување на ракот.
Оваа организација истакна дека пушењето е една од главните причини за ракот и ги повика луѓето целосно да се откажат од пушењето, дури и од електронските цигари.
Добротворнaта здравствена организација Action on Smoking and Health (Ash), исто така, ја критикуваше кампањата наречена “Hold my light” и која е објавена на четири страни на изданието Дејли мирор во понеделникот – велејќи дека тоа е обид на Филип Морис да ги избегне правилата за забрана на рекламирање тутун.
Во Велика Британија е забранет речиси секој облик на рекламирање и промоција на тутунот, а правилата кои почнаа да се применуваат од минатата година, налагаат цигарите и тутунот да мора да се продаваат во обични зелени пакувања.
Дебора Арнот, директор на организацијата ASH, вели дека Филип Морис продолжува да ги рекламира Марлборо цигарите каде и да е тоа дозволено во светот. “Работата е во тоа што не може да функционира тоа во Велика Британија, ние сме мрачен пазар, каде што рекламирањето, промоцијата и спонзорствата се забранети и цигарите се спакувани во обични кутии”.
Од Филип Морис претходно изјавиле дека сакаат да постигнат “непушачка” иднина.
Како и многу тутунски компании, Филип Морис се насочува кон производи кои ќе ги заменат цигарите, бидејќи бројот на пушачи во Велика Британија продолжува да опаѓа. Директорот на компанијата Питер Никсон вели дека новата кампања “им дава поддршка на пушачите да најдат замена за цигарите”.
На прашањето зошто, доколку Филип Морис веќе толку многу сака да ги принуди пушачите да престанат да користат цигари, едноставно не престане да произведува цигари и да се сврти кон други производи, Никсон, вели дека во овој случај, пушачите само би преминале кај конкурентите.
“Нашиот бизнис сè уште се заснова 87% на цигарите. Сакаме да дојдеме до непушачко општество и нудиме само други производи, но за тоа е потребно време“, вели тој. Никсон вели дека компанијата има инвестирано повеќе од 4 милијарди фунти за развој на алтернативни методи за пушачите.
Целосно неочекувано, Дејли Мирор во воведот истакнува дека имаат “особено задоволство да ја поддржат кампањата”. “Да, бевме изненадени што Филип Морис се одлучи за оваа кампања, но она што тие одлучија да ги охрабрат луѓето да се откажат од пушењето, може да биде само добра работа”, велат оттаму.
Во јули минатата година, Англија презентираше план да стане непушачко општество во следните неколку децении.