Минатата недела, пет од најголемите светски технолошки компании – Alphabet, Apple, Amazon, Meta и Microsoft – ги објавија своите финансиски извештаи за последниот квартал на минатата година.
Матичната компанија на Google, Alphabet, забележала вкупни приходи од 86.3 милијарди долари, што е повеќе од предвидувањата на аналитичарите кои очекуваа приходи од околу 85.3 милијарди долари. Во сферата на огласувањето, Alphabet забележала приход од 65.5 милијарди долари, што претставува пораст од 11% на годишно ниво.
И покрај зајакнатата конкуренција во пазарот со паметни телефони, Apple забележала приходи од 119.6 милијарди долари, надминувајќи ги предвидувањата на аналитичарите за приходи од 117.9 милијарди долари. Најголем удел во колачот имале продажбите на iPhone, достигнувајќи приходи во износ од 69.7 милијарди долари.
Гигантот за е-трговија и веб-услуги Amazon забележал вкупни приходи во износ од 169.9 милијарди долари, што претставува раст од 14% на годишно ниво – надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите кои предвидуваа приходи во износ од 166.2 милијарди долари. Огласувачкиот бизнис на Amazon пораснал за 23% на годишно ниво, достигнувајќи вкупна бројка на приходи од 14.7 милијарди долари.
Конгломератот на социјални мрежи Meta соопшти вкупни приходи во износ од 40.1 милијарди долари, што претставува годишен раст од дури 25% во однос на минатогодишните приходи во износ од 32.2 милијарди долари. Вообичаено, речиси сите приходи на Meta доаѓаат од продажбата на дигитални реклами – 38.7 милијарди долари во последниот квартал на годината, односно раст од 24% во споредба со годината претходно.
Компанијата Microsoft, која силно напредува во сферата на вештачката интелигенција, забележала вкупни приходи од 62.02 милијарди долари, што претставува раст од 17.6% во однос на истиот период претходната година.
Резултатите на споменатите компании укажуваат на „заздравување“ на технолошкиот сектор, кој што се очекува да влезе во нова ера на раст и развој со значителни инвестиции во сферите на вештачката интелигенција, видео игрите, видео стримингот и пребарувањето, што секако ќе придонесе и за поголеми вложувања во огласувањето.