За оние кои би сакале да патуваат, но не можат поради пандемијата, финската авиокомпанија „Финер“ како утеха ја нуди нивната “авионска храна за бизнис класа“ во ланец за самопослужување.
Целта на овој превозник е да го ангажира персоналот во подготовка на храната, за да не мора да го отпушти.
Авиокомпанијата која е под контрола на финската држава соопшти дека во првиот, пробен период, оброците наречени „Вкусот на Финер“, кои ќе бидат подготвени рачно, ќе бидат понудени во само една самопослуга.
Готовите јадења – ќофтиња од ирваси, арктичка риба и говедско месо во теријаки на јапонски начин, ќе чинат по околу 10 евра.
И другите авиокомпании ширум светот се обидуваат да ги користат своите неактивни ресурси за време на пандемијата и желбата на луѓето да летаат додека повеќето авиони се приземјени. Некои нудат симулирани летови, лажни патувања кога авионот само полетува и набрзо слетува на истото место, па дури и им дозволуваат на луѓето желни за патувања само да седат во паркиран авион.
Продажбата на „храна за носење“ во Финска нагло се зголеми од пролетта, кога е проценето дека 60 проценти од работната сила започнала да работи од дома поради пандемијата на ковид-19.
Финер и малопродажните ланци се надеваат дека оброците ќе привлечат луѓе кои се желни по патувања.
Авиокомпанијата Финер испрати голем дел од неговите 7.000 вработени на принуден одмор, а неговиот сообраќај опадна за 91% во септември во споредба со истиот месец лани.