Електричните возила се иднината – тоа е генералниот став на автомобилските компании низ светот, вклучувајќи го и американскиот Форд. Токму затоа, компанијата планира целосно да се пренасочи кон производство на електрични автомобили, неодамна откривајќи го и својот нов електричен модел Mustang Mach-E.
Меѓутоа, според истражување спроведено од компанијата, на дури 70% од возачите до одреден степен ќе им недостигал мирисот на петролеум. Всушност, мирисот на петролеум бил исто толку сакан како мирисот на нови книги, а попопуларен од оние на вино и сирење.
Со цел да им помогне на возачите да го надминат минатото, но да задржат дел од носталгијата, Форд лансираше луксузен парфем чија главна компонента е мирисот на петролеум.
Компанијата се здружила со производителот на парфеми Olfiction, со која го создале парфемот “Mach-Eau” (изговор: „мачо“) – именуван според новиот електричен модел Mustang Mach-E, кој е всушност фокусот на кампањата.
Парфемот претставува комбинација од автомобилски мириси (петролеум, загреана гума), заедно со пријатни мириси како лаванда, син ѓумбир, гераниум и сандалово дрво, плус „животински елемент“ поврзан со коњската симболика на Mustang. Резултатот наводно бил навистина добар, необично пријатен парфем.
Парфемот доаѓа во соодветно стаклено шишенце во форма на бензинска пумпа.
За жал, парфемот нема да биде пуштен во слободна продажба, туку бил претставен на автомобилскиот настан „Goodwood Festival of Speed“ во Англија.