Автомобилскиот бренд Ford лансираше нова кампања за американскиот пазар со која го одбележува стартот на вакцинацијата во земјата, охрабрувајќи ги луѓето да останат сплотени, да ги почитуваат мерките против Ковид-19, да спасат животи и сите заеднички да ја победат пандемијата.
Рекламата е создадена од страна на американскиот филмски режисер Питер Берг, а нејзин наратор е актерот Брајан Кранстон, најпознат по улогата на Волтер Вајт од играната серија Breaking Bad.
За истакнување кај рекламата е тоа што нејзиниот тон е фокусиран на чувството на патриотизам, кој треба да ги мотивира граѓаните да се грижат за своите сограѓани, наспроти мотивацијата за тоа да биде некаква „проповед“ или чувство на страв.
„Сите сме заедно во ова и целта на Ford уште од почетокот на пандемијата е да се помогне во спасувањето на човечки животи,“ истакнува Кумар Галхотра од Ford, додавајќи дека: „И покрај тоа што многумина се уморни од предизвиците што ни ги наметна 2020 година, сега е време да се сплотиме, да се заштитуваме едни со други и да завршиме успешно сé додека вакцините за Ковид-19 не станат пошироко достапни. Во прашање се животи.“