Достоинствената работа е основно право на секој работник, а квалитетот на правото не смее да е избор на работодавачот туку негова обврска. Почитувањато на правата на работниците во земјата, долго време е оптоварено со тенденцијата да се работи во неформалната, нерегулирана економија.
„Формализирај ја работата“ е наслов на кампањата која ја спроведуваше Економско-социјалниот совет, со поддршка на проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија. Кампањата има за цел да ја подигне свесноста за потребата од нов квалитет на генералните политики со кои ќе се стимулира пријавувањето на работниците.
Во рамки на кампањата се промовираше и пилот-мерка која ќе ја реализира ХОТАМ, колективна членка на Организацијата на работодавачи на Македонија, со поддршка на МОТ (преку проектот финансиран од ЕУ – Платформа за вработување и социјални прашања 2), а ќе ги опфаќа туристичко-угостителските објекти во крајбрежјето на Охридското Езеро. За таа цел беа организирани и локални промоции во Охрид, Струга и Скопје.
Мерката, впрочем, опфаќа покривање на дел од придонесите за социјално осигурување и поддршка во спроведување на административните процедури. Ќе овозможи и поедноставно „позајмување“ вработени помеѓу два туристичко-угостителски објекти, како и можност за дополнителни обуки за стекнување соодветни вештини. Дел од мерката е и онлајн платформа за поврзување на работодавачите и работниците на ХОТАМ, преку која се пријавуваат работници и слободни работни места во хотелско–угостителскиот сектор во Охрид и Струга.
Клучнатa поента е, преку ваков вид конкретни активности, да се зајакне свеста, но и акцијата против неформалната економија, а на вработените да им се подобри социјалната заштита и сигурност и да им се овозможи пристап до други бенефиции кои произлегуваат од работниот однос.
Инаку голем процент од вкупниот број вработени во во туристичко-угостителскиот сектор се непријавени работници. Според податоците, само во Охрид и Струга од 10 до 18 отсто од вкупниот број ангажирани во овој сектор се непријавени.
Дополнително, ваквото вработување не треба да преставува основ за укинување на надоместокот на корисниците на социјална помош, на корисниците на надомест за невработеност поради технолошки вишок, или пак, на пензијата за пензионерите. Со ваква мерка, ќе се стимулираат овие граѓани да се пријават како сезонски работници.
Инаку, од неодамна, работниците имаат можност да пријават каква било повреда на работничките права преку мобилната апликација на Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ – Мои работнички права на play store и на apple store.