На 11 декември 2015, организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (UNIDO) во Тиквешијата организираше настан за промоција на кластерот за туризам на Тиквешкиот регион. Иницијативата на овој неодамна основан кластер е на институции од приватниот сектор во Тиквешијата кои ја препознаа потребата од зеднички напори за развој на локалниот туризам, кој е недоволно искористен што го потврдуваат и информациите од Заводот за статистика на РМ според кои во Тиквешкиот регион се регистрирани само 2,4% туристи од вкупниот број кои дошле во земјава.
Овој регион првенствено познат по своето производство на вино, се истакнува и со одлична гастрономија, велосипедски тури, езерски патеки и планинарење, стари занаети и музеи, манастири и сместувачки капацитети, многубројни можности кои се недоволно познати и искористени.
Иницијативата за кластерот е поддржана од проектот насловен како “Промовирање на одржливи врски и развој на кластери во македонската туристичка индустрија” развиен и имплементиран од УНИДО во соработка со Министерството за економија на Република Македонија, а финансиран од Република Словенија. Кластерот има цел да креира возбудливи туристички производи по кои ќе биде препознатлив регионот, искористување на сопствените капацитети и благосостојба за граѓаните преку развој на туризмот.
Следејќи ги најдобрите практики од Македонија и Словенија од две последователни студиски патувања, седум “шампиони” од Тиквешијата станаа основачки членови на кластерот за туризам на Тиквешкиот регион: општините Кавадарци, Неготино и Демир Капија, винаријата Тиквеш и Тиквешкиот вински туризам, винаријата Стоби, винаријата Попова Кула и ЦЕНЕТ.
Официјално основан во 2015 година, кластерот ќе започне со имплементација на стратешкиот план во 2016 година, а своето официјално основање го прослави во винаријата Стоби заедно со останатите кластери во Македонија, владини претставници, донаторски организации и други заинтересирани страни. На промоцијата беше истакнато дека Македонија според приходите од туризам кои во просек изнесуваат 5,4 % од БДП, заостанува зад останатите земји од регионот, што наметнува потреба од нови ефективни иницијативи, какви што се токму кластерите.
Последниве години голем број на земји реализираа успешни регионални соработки преку промоција на туристички кластери, имплементирајќи успешни јавни и приватни иницијативи чија цел е поттикнување на соработка, иновации и поврзување на туризмот со продуктивните индустрии.
Кластерите се динамични економски системи кои се стекнаа со зголемена важност во економските дебати за економски развој последниве години. Владите во светот ги сметаат кластерите како потенцијални двигатели на развојот на компаниите и иновациите. Им помагаат на компаниите да ги надминат своите индивидуални капацитети, организирајќи се во динамични производни мрежи, развивајќи стратешки релации со останатите компании и институции, подобрувајќи ги конкурентските способности базирани на економија на обем, иновации и знаење.
УНИДО е специјализирана агенција на Обединетите Нации која промовира индустриски развој, намалување на сиромаштијата, инклузивна глобализација и одржливост на животната средина. Мандатот на организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО) е да промовира и овозможи забрзан, инклузивен индустриски развој во земјите во развој и економии во транзиција. Повеќе инфо на: http://www.unido.org/clusters/