По успехот на регионалниот форум на комуникациски лидери IZAZOV во изминатите осум години, Marketing Mreža од Србија продолжува со вмрежување и едукација на колегите од професијата. Деветтиот регионален форум на комуникациски лидери – IZAZOV 2023 ќе се одржи на 4 и 5 април во Белград, под слоганот “It’s all about the CHANGEMAKERS”.
На форумот IZAZOV 2023 продолжува приказната за луѓето, за оние кои секојдневно ги поместуваат границите на професијата во Србија и регионот.
Сите мислат дека луѓето кои носат промени се само оние на извршни и раководни позиции. Вистината е дека СИТЕ ние сме по малку changemaker-и. Токму затоа, целта на следниот IZAZOV е да го редефинира тој збор, носејќи ја свеста за моќта што постои кај секој човек, а која доаѓа од неговата уникатност, како и да ги поттикне колегите да ја прифатат нивната „моќ“ за да донесат промени.
Всушност, changemaker-ите беа инспирација на агенцијата Ovation BBDO, која веќе осум години го осмислува креативниот концепт на форумот IZAZOV.
„Луѓето се најголемата сила и највредното нешто што го има нашата професија. Затоа сакаме да ги мотивираме, поттикнеме, промовираме и да им обезбедиме простор за нивен креативен, професионален и личен развој. Сметаме дека секој поединец кој работи во адвертајзинг индустријата има „моќ“ да ги промени работите на подобро преку својата работа и своите кампањи, но и обврска и одговорност да придонесе за развојот на професијата и пазарот. Состојбата на пазарот на маркетиншки комуникации нé засега сите нас – поединци, а со здружување и вмрежување можеме да ги поттикнеме работите на подобро. Затоа, ајде сите да ги разбудиме нашите скриени моќи и да бидеме changemake-и“ – истакнува Ивана Парчетиќ Митиќ, основач и извршен директор на Marketing Mreža, која е организатор на форумот.
IZAZOV е интерактивен B2B настан, прв од ваков вид во регионот, наменет исклучиво за професионалци од областа на маркетингот, односите со јавноста и дигиталните комуникации од компании и агенции. Наменет е за оние кои веруваат во она што го работат, кои имаат што да покажат и што да кажат, а исто така сакаат да придонесат пазарот на маркетинг комуникации во регионот да биде попријатен и посоодветен за бизнис, сé со цел да се развие здрава конкуренција.
Форумот ќе опфати широк спектар на теми – од трендови во интегрираните комуникации, до состојбата на пазарот на маркетиншките комуникации во регионот. Посебен сегмент од форумот ќе биде посветен на поттикнување на дијалогот меѓу компаниите и агенциите, кои активно ќе учествуваат на форумот преку интерактивни работилници, тимбилдинг и други содржини, отворајќи дијалог за клучни теми од професијата.
Доколку ве интересира состојбата на професијата на пазарите во регионот, како и што работат агенциите, што очекуваат клиентите од агенциите, кои се луѓето со кои ќе работите утре, како размислуваат, колку ги следат трендовите, ние Ве покануваме да го прифатите предизвикот (т.е. IZAZOV) и да учествувате на 9-от регионален форум на комуникациски лидери.
На претходниот, хибриден IZAZOV 2022 учествуваа над 600 компании и агенции од целиот регион, вклучувајќи ги MasterCard, UniCredit Banka, MPC Properties, A1 Srbija, Bambi, Delta Holding, PepsiCo, Forma Ideale, SBB, IKEA Srbija, Xiaomi Balkan, Carlsberg Srbija, Atlantic grupa и други.
Официјален хаштаг на форумот: #izazov2023