Франческо Арецо, член на Ротари клубот од Рагуза, Италија, е избран од страна на Одборот на Ротари Интернационал за претседател за 2025-26 година. Арецо ќе ја преземе функцијата на 1 јули.
Одборот одржа вонредна седница по неочекуваната оставка на избраниот претседател на Ротари Интернационал, Марио Цезар Мартинс де Камарго, на 8 јуни. Водејќи се според статутот и политиките на РИ, Одборот го избра новиот претседател од групата кандидати кои беа разгледувани од Номинацискиот комитет за претседател на Ротари Интернационал во август 2023 година.
Претседателската порака за 2025-26 година, објавена на Меѓународното собрание на Ротари во февруари 2025, останува „Обединети за доброто“ (Unite for Good), со која членовите на Ротари се повикуваат да бидат сила на единство во свет сѐ повеќе поделен по политички, географски и идеолошки линии. Преку сервисни проекти, Ротари ги обединува луѓето од различни потекла, раси, религии и професии – со заедничка мисија да прават добро во своите заедници.
Арецо е ортодонт во приватна практика. Тој е меѓународно активен како член на италијанските, европските и американските здруженија за ортодонција. Тој е потпретседател на Националната асоцијација на италијански стоматолози за покраината Рагуза и основач и седум години раководител на делегацијата за Рагуза на National Trust for Italy. Тој е Витез на честа и послушноста во Суверениот малтешки ред.
Како член на Ротари повеќе од 30 години, Арецо има служено како заменик-претседател на Заедничкиот комитет за стратешко планирање, директор на РИ, обучувач и претставник на претседателот на РИ на окружни конференции.
Арецо е голем донатор и добротвор на Ротари фондацијата. Тој е во брак со Ана Марија Кришоне, претприемач во областа на туризмот. Имаат две деца.