Издолжениот леб наречен багет е суштински дел од француската култура, претставувајќи дефинирачки дел од културното наследство на Франција и секојдневниот живот на францускиот народ. Неговата важност за земјата сега е официјално препознаена од листата на нематеријално светско културно наследство на УНЕСКО.
Овој сегмент на УНЕСКО се обидува да го заштити културното наследство и традициите кои се пренесуваат низ генерациите во нематеријална форма. Според генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулеј, багетот е начин на живот, белег на француската традиција и занаетчиство кој го акцентира уметничкиот аспект на пекарството.
Во Франција, пекарите продаваат неколку различни видови багети. Сепак, најтипичниот вид се нарекува baguettes de tradition, односно традиционален багет. Овој вид е направен од само четири состојки: брашно, вода, сол и квасец, a пекарите мора да го печат на лице место.
За да го поднесат барањето до УНЕСКО, Французите потрошиле дури шест години за да ја соберат сета потребна документација. Според BBC, падот на семејните пекари и порастот на синџирите на супермаркети кои продаваат масовно произведени багети имаат врска со овој потег бидејќи Французите се обидуваат да го заштитат овој суштински дел од нивната култура.
Сега кога е одобрен, багетот ќе се придружи на другите заштитени нематеријални културни вредности од светското кулинарство, како што се неаполската пица, корејското кимчи, белгиското пиво, арапското кафе и медитеранската кујна.