На неодамнешната пресконференција, францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер објави дека земјата ќе стане прва во Европа што ќе ги регулира ѕвездите на социјалните мрежи, борејќи се на тој начин против филтрираните или ретуширани фотографии на инфлуенсерите кои на следбениците може да им дадат погрешно чувство за реалноста.
Иако да се биде инфлуенсер само по себе не е проблем, бидејќи дел од работата обично вклучува славење на културата и историјата на нацијата, француските власти сметаа дека треба да се воспостави рамка за да се осигура дека овие „фриленсери“ се од една страна законски заштитени, но од друга страна дека не профитираат од емоционалните несигурности на јавноста.
Една од предложените мерки за постигнување на посочената цел е воспоставување на задолжително правило според кое инфлуенсерите ќе бидат обврзани транспарентно да назначуваат, односно обелоденуваат доколку користат филтер или ретушираат слика или видео објавено на нивните профили на социјалните мрежи.
Француските власти се надеваат дека ваквото правило ќе ги ограничи деструктивните психолошки ефекти на овие практики врз самодовербата на корисниците на социјалните медиуми. Предлогот наскоро ќе биде разгледан како дел од сеопфатен нацрт-закон во францускиот парламент.
Дополнително, официјалните власти сакаат да ги забранат сите реклами за естетска хирургија преку профили на социјалните мрежи кои се поддржани со платено спонзорство. Се чини дека владата е сериозна во однос на сузбивањето на таквата содржина, велејќи дека ќе преземе „пристап на нулта толеранција“ во врска со ова прашање.
Ова не е прв пат Франција да заземе став против уредени фотографии во медиумскиот простор. Во 2017 година, во обид да им помогне на оние со нарушувања во исхраната, државата донесе закон за брендовите транспарентно да назначуваат доколку телото на прикажаните модели било ретуширано за целите на некоја огласувачка кампања.