Некогашниот фронтмен на легендарниот бенд Пинк Флојд, Роџер Вотерс прилично грубо го одбил Марк Цукерберг и желбата на Фејсбук во нивната нова реклама да се искористи познатата песна Another Brick in the Wall.
Култната песна на Пинк Флојд од 1979 година, Another Brick in the Wall, требаше да се појави како позадинска музика во новата реклама на Фејсбук за нивната социјална мрежа Инстаграм. Но, кога Фејсбук се обидел да добие авторски права за неа, тоа не било дозволено од нејзиниот автор – легендарниот рокер Роџер Вотерс.
Вотерс оваа недела пред новинарите изјави дека пред неколку дена со него лично контактирал Марк Цукерберг, нудејќи му „голема, голема сума пари“ за користење на оваа песна во реклама. А кога некој како Вотерс, кој е „тежок“ над 300 милиони долари, каже дека се работи за навистина огромни пари, не сакаме ни да замислиме колку Цукерберг бил подготвен да плати само за да искористи една од најпознатите рок-химни на сите времиња .
Сепак – британскиот музичар категорично ја одбил понудата. Вотерс е одамна познат по тоа што својата музика ја отстапува само за цели што тој ги смета за „добри“.
Тој го објасни своето одбивање на дарежливата понуда на Цукерберг зборувајќи за тоа како Фејсбук и Инстаграм имаат премногу моќ и го цензурираат слободниот говор, а особено приказната за Џулијан Асанж, кому му беше посветена и тркалезната маса во која учествуваше Вотерс.
Закерберг не даде коментар околу ова прашање, ниту е познато која песна ќе биде искористена во новата реклама за Инстаграм.