Пред околу една недела, француската маркетинг групација Publicis објави новогодишна честитка со Снуп Дог, во која се пофали дека е на добар пат да стане најголемата маркетинг групација во светот благодарение на одличните финансиски резултати остварени во текот на годината.
Но, само неколку денови подоцна, американските конкуренти Omnicom и Interpublic најавија спојување во 2025 година, со што комбинираната компанија автоматски би го презела приматот како најголема агенциска групација во светот.
Таквиот развој на настаните го предизвика генералниот извршен директор на Publicis, Артур Садун, да го искоментира најавеното спојување на нивните конкуренти преку видео порака до вработените на групацијата, исполнето со бројни хумористични забелешки дадени во позитивна атмосфера.
Садун го поздрави најавеното спојување и засилувањето на конкуренцијата како позитивна работа за индустријата и нејзината адаптација кон промените во светот, така што ќе биде поттикнат развојот на креативноста, иновацииите и специјализираните услуги. Тој исто така имаше само позитивни зборови за лидерите на Omnicom и Interpublic, Џон Врен и Филип Краковски, посакувајќи им среќа и успех во нивните потфати.
Артур Садун истовремено се осврна на историјата и неуспешниот обид на Publicis и Omnicom за спојување пред десетина година, истакнувајќи дека неговата групација го надминала тој обид и самостојно продолжува со засилени инвестиции и иновација.
„Од наша страна, нашата трансформација е веќе зад нас. Ние инвестиравме во податоци и технологија во последната деценија приближно колку што Omnicom ќе плати за IPG во еден потег. Нашите способности се целосно интегрирани. Нашиот модел покажува подобри резултати од очекуваното во последните пет години. Така, сега, можеме да бидеме прецизно фокусирани на нашите клиенти и нивните потреби за денес и утре“ – истакна Садун.
Погледнете го неговото целосно обраќање во продолжение: