Ана Димчевска Семенпеева е мултимедијален автор со интердисциплиниран визуелен израз во графиката и скулптурата. Нејзиниот уметнички интерес поврзува ликовни пракси во различни медиумски форми.
– Делата се работени за време на главните сесии на графичката работилница „Софија“ – Богданци. Станува збор за графики работени во: бакропис, акватинта, линорез, сериграфија. Заеднички мотив се нашите две деца, кај мене се јавуваат посуптилно (отпечатоци на нивните дланки и стапала), а кај Виктор се и поексплицитни, дури со ликови – вели Димчевска-Семенпеева.
Графичкото творештво на Димчевска – Семенпеева содржи компексни линиски решенија и повторувања, кои создаваат композициска сконцентрираност, постигната со ликовна намера на полно-празно, асиметрично балансирање на плоха која создава симуларкум на секојдневни реалитети. Самостојната изложба „Геном – апотеоза на линијата“ е визура на нејзиниот досегашен ликовен интерес, кој ја поврзува сушноста како принцип на животот, па сѐ до рационално согледување и егзистирање во комплексен систем на поврзаности и нивна интеракција – подвлекува новинарката и авторка Вероника Камчевска.
Во дел од ликовните дела на Виктор Семенпеев е исклучена наративната состојба, која е целосна присутна во појдовниот импулс за креирање и на ваков начин го надминува воспоставениот код на графичкиот израз во стилска композиција како архетип на препознавање. Исполнетата плоха е само илузија на видлива целост, која истовремено е негирана од ахроматски тоналитет, каде намерно се исклучени својства на воспоставени ликовни елементи. Авторската уникатност на Семенпеев е видлива во интердисциплинарнoто создавање на дела во бакропис, сито печат, акватинта па се до дигитално креирање на ликовни елементи во графика – забележува Камчевска.