Пред некое време беше соопштено дека група уметници покренале колективна тужба против генераторите на слики базирани на вештачка интелигенција Midjourney, DeviantArt и Stable Diffusion.
Сега, пак, датотеката за слики Getty Images соопшти дека ќе поднесе сопствена тужба против креаторите на генераторот Stable Diffusion, односно софтверската компанија Stability AI, тврдејќи дека нејзината обемна библиотека со слики била незаконски искористена за да се „нахрани“ базата на генераторот.
Според соопштението на Getty, компанијата која стои позади генераторот „незаконски копирала и обработила милиони слики заштитени со авторски права“ за да го тренира својот софтвер.
Од Getty Images нагласуваат дека тие не се целосно против употребата на вештачка интелигенција. Напротив, веруваат дека технологијата „има потенцијал да стимулира креативни напори“, па дури и нуди специјални лиценци за датабази на слики кои можат да се користат за генераторите.
Меѓутоа проблемот со Stability AI настанал во тоа што софтверската компанија, наводно, не побарала ниту една од таквите лиценци, односно „избрала да ги игнорира остварливите опции за лиценцирање и долготрајната правна заштита“ – како што стои во соопштението на Getty Images.
Во изјава за медиумите во врска со ова прашање, претставник на Stability AI изјавил дека компанијата сè уште чека официјално известување за најавената тужба, за која првично дознале токму од медиумите. Во секој случај, претставникот посочил дека компанија „сериозно ги сфаќа овие работи“.