И покрај предвидувањата за нивната сé поголема популарност во иднината, електричните автомобили сé уште се соочуваат се еден голем проблем доколку сакаат да станат масовно прифатени – високата цена.
Но, кога индустрискиот лидер Tesla најавува уште поголемо зголемување на цените, американската компанија General Motors и јапонската Honda објавија партнерство за производство на заеднички електрични автомобили по „достапна цена“.
Според извршниот потпретседател на GM за електрични и автономни програми, Кен Морис, автомобилите кои ќе произлезат од ова партнерство ќе чинат помалку од 30.000 долари.
Почнувајќи од 2027 година, компаниите планираат да произведуваат милиони еколошки автомобили, со користењето на технологии, дизајни и стартегии од двата брендови, со цел да се стандардизираат процесите и опремата за производство на овие автомобили и со тоа да се намали нивната цена. Сето ова ќе биде возможно и благодарение на ново-најавениот ефикасен акумулатор од „новата генерација“, наречен Ultium.
„GM и Honda ќе ги разменат своите најдобри технологии, дизајн и производствени стратегии за да испорачаат достапни и посакувани електрични возила на глобално ниво, вклучувајќи ги и нашите клучни пазари во Северна Америка, Јужна Америка и Кина“, рече Мери Бара, генерален извршен директор на GM.
„Ова е клучен чекор за исполнување на нашата посветеност да постигнеме јаглеродна неутралност во нашите глобални производи и операции до 2040 година и да ги елиминираме емисиите на издувните гасови од лесните возила до 2035 година. Работејќи заедно, ќе ги ставиме луѓето од целиот свет во електрични возила побрзо отколку што било која компанија може да го постигне тоа сама“, додаде таа.
Претходно, Honda најави и основање на заедничка компанија со Sony за производството на електрични автомобили.