Во Google подготвуваат нова алатка за блокада на реклами која е намената за веб-прелистувачот Google Chrome, а специјално креирана за да се “пресмета“ со рекламите кои користат премногу ресурси на вашиот компјутер
Познато е дека веб-прелистувачот Google Chrome секогаш е гладен за компјутерска RAM меморија, што може да резултира во поспоро работење на компјутерот. Но, тоа не е секогаш единствениот виновник – понекогаш и рекламите можат да бидат одговорни за проблемите.
Програмерите во Google работат на алатка што треба да го реши овој проблем на начин што ќе го запре вчитувањето на “премногу тешките“ реклами, односно оние што прекумерно ги преоптоваруваат мемориските ресурси на компјутерот.
Рекламите и огласите ќе бидат блокирани доколку го користат компјутерскиот процесор подолго од 60 секунди, доколку го користат повеќе од 15 секунди во која било временска рамка од 30 секунди или ако користат повеќе од четири мегабајти мрежен сообраќај за да се вчитаат ресурсите.
Сите реклами што се отстранети на овој начин ќе бидат заменети со порака во која се објаснува зошто биле отстранети.
Корисниците можат да ја испробаат новата алатка во тест интернет прелистувачот Chrome Canary, кој сè уште е во експериментална фаза.