Адвертајзинг магазинот Campaign US дознава дека технолошкиот гигант Google го консолидирал својот договор за медиски закуп на глобално ниво со агенцијата Essence, дел од мрежата на WPP.
Партнерството на Google со Essence трае веќе една деценија во однос на закупот на дигитални медиуми, но офлајн делот досега бил задача на Omnicom Media Group. Со цел поедноставување на своите агенциски односи, Google се решиле да го консолидираат целиот медиски закуп со Essence.
„Како и сите огласувачи, така и ние често ги евалуираме задачите на нашите агенциски партнери. Omnicom беше силен партнер за нас во текот на годините и се надеваме на продолжување на нашите врски со нив во однос на други услуги“, посочила генералната маркетинг директорка на Google, Лорејн Твохил, во изјава за Campaign US.
Google важи за еден од најголемите огласувачи во светот. Компанијата потрошила 5.4 милијарди долари на огласување и промотивни активности во 2020 година, при што расходите за медиски закуп биле еднакви на 2.5 милијарди долари.