Технолошкиот гигант Google веќе долго време важеше за главен застапник на технологијата на „колачиња“ (“cookies”) – мали текстуелни датотеки кои се сместуваат во компјутерот т.е. уредот при прегледувањето на некоја веб-страница. Овие „колачиња“, покрај тоа што го олеснуваат повторното вчитување на веб-страниците, истовремено им овозможуваат на огласувачите да го следат однесувањето на потрошувачите на интернет и со тоа да им пласираат соодветни таргетирани реклами.
Во свет во кој приватноста на корисниците станува сé поголема грижа, технологијата на „колачиња“ се повеќе се наоѓа на удар на законодавците и различните институции и организации за заштита на личните податоци.
Соочувајќи се со ваквиот општествен притисок, Google претходно најави дека ќе ги „укине“ колачињата во првите месеци на 2022 година. Меѓутоа, со тоа се појави нов притисок – овој пат од страна на бизнисите и маркетерите.
Google се обиде да ги смири ваквите грижи со воведувањето на нова опција наречена “Privacy Sandbox”, воведена во јануари годинава, која на корисниците ќе им нуди поголема приватност, а на огласувачиет некој вид на повоопштени податоци за корисничкото однесување на интернет.
Но, адвертајзинг секторот не беше задоволен од новата опција, барајќи поголемо објаснување од Google за новата технологија и нови решенија за проблемот, со кои би биле задоволни и двете страни.
Под притисок на огласувачите, Google одлучи да го одложи укинувањето на „колачињата“ за средината, односно крајот на 2023 година. Од компанијата соопштуваат дека ваквата одлука доаѓа како резултат на потребата за „движење на промените со разумна брзина“, односно „овозможување на доволно време за јавна дискусија за правилните решенија, континуирана соработка со регулаторите и можност за адвертајзинг индустријата навремено да ги мигрира своите услуги“.