Со цел одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8 март, најновата анимација на Google им оддава почит на жените и нивниот инспиративен секојдневен живот ширум светот.
Нагласувајќи ги реалностите во пост-пандемиското доба, анимацијата од цртежи им овозможува на гледачите да се движат низ неколку сцени кои нудат поглед на жените од сите сфери на животот, вклучително и мајка која се грижи за своите деца додека работи од дома, докторки во операциона сала, постара пензионерка која си ја полева градината, модна дизајнерка на работа, па дури и фотографка на диви животни.
Според Google, цртежите на анимацијата се создадени од уметничката директорка Тока Мајер, чија цел била секојдневните жени да се почувствуваат ценети за нивниот секојдневен придонес.
„Последните неколку години беа тешки за сите, но особено за жените. Реалноста од последните неколку години ги принуди жените да го сменат фокусот, да ги приспособат приоритетите и да се жртвуваат за да бидат таму за другите на кои им требаат“, посочува Мајер.
„Навистина се надевам дека жените се чувствуваат видени и ценети за она што го правеле и го прават во моментов. Станување наутро и протуркување низ денот“, додава таа.
Целосната анимација може да се погледне на следниот линк.