Ова лето, технолошкиот гигант Google ќе ја отвори својата прва физичка продавница каде потрошувачите ќе можат да ги допрат и испробаат производите на компанијата.
Продавницата ќе биде отворена во Њујорк, а изборот на локацијата, според соопштениетот на Google, е природно проширување на долгогодишната поврзаност со градот. Имено, во населбата Челзи во Њујорк, каде и ќе се наоѓа продавницата, веќе 20 години е лоциран урбан кампус на компанијата во кој работаат преку 11,000 луѓе.
Во продавницата, потрошувачите ќе добијат широка понуда на производи на Google, почнувајќи од Pixel паметни телефони, Fitbit паметни часовници, Pixelbook лаптопи и Nest паметни домашни уреди. Потрошувачите исто така ќе можат да купуваат производи онлајн, а да ги подигнат во продавницата.
Слично како и продавниците на Apple, и во продавницата на Google ќе има тим за техничка поддршка кој ќе биде спремен да им помогне на потрошувачите со сите технички проблеми и прашања кои тие ги имаат во врска со уредите на Google. Според најавите, во продавницата ќе се организираат и технички работилници.
Точниот датум на официјалното отворање на продавницата сé очекува да биде споделен со јавноста наскоро.