Google повторно го одложи укинувањето на „колачињата“ од трети страни во пребарувачот Chrome, овозможувајќи им на издавачите, програмерите и огласувачите повеќе време и можности за иновации кон дигитален екосистем во чиј фокус е корисничката приватност.
„Колачињата“ од трети страна првично беше планирано да бидат укинати на почетокот на 2022 година – додека Google не објави минатиот јуни дека ќе ја продолжи оваа временска рамка до 2023 година. Оттогаш, имаше многу шпекулации во медиумите дека технолошкиот гигант повторно ќе ги одложи своите планови за да си даде доволно време да развие нови технологии и да ѝ даде на индустријата доволно време да се прилагоди на дигиталниот свет без „колачиња“.
Тие предбидување се остварија денес, откако Google Chrome објави дека уште еднаш го одложува крајот на „колачињата“. Технолошкиот гигант сега очекува постепено да ги укине колачињата во втората половина на 2024 година.
Потпретседателот на Chrome за Google Privacy Sandbox, Ентони Чавез, објави блог пост во кој ја објаснува одлуката, велејќи дека во процесот на развивање нови решенија насочени кон приватноста на податоците кои ги задоволуваат потребите на програмерите, огласувачите, издавачите, потрошувачите и регулаторите, „најконзистентниот фидбек е потребата од повеќе време за евалуација и тестирање на новите технологии на Privacy Sandbox пред да се отфрлат колачињата од трети страни во Chrome“.
Пред официјалното укинување на „колачињата“, Chrome планира да ги продолжи временските рокови за тестирање на својата „Privacy Sandbox Application Programming Interfaces“ технологија. Додека веб-програмерите веќе имаат пристап до овие Application Programming Interfaces, Чавез вели дека Chrome ќе ги спроведе тестирањата за Privacy Sandbox со „милиони корисници на глобално ниво“, почнувајќи веќе од следниот месец, со планови за проширување на тестирањето во текот на оваа и во 2023 година.
Врз основа на повратните информации од корисниците, технолошкиот гигант ќе понуди повеќе информации за имплементирањето на долгорочно решение за замена на „колчињата“,насочено кон поголема заштита на приватноста.