Google ја претстави својата нова маркетиншка платформа за аналитика наречена Google Analytics 360 Suite. Производот ги вклучува основните функции на Google Analytics Premium и Adometry, како и нови дополнителни четири софтверски понуди. Тоа се Audience Center 360 (инструмент за управување со податоци, кој што ја интегрира адвертајзинг платформата DoubleClick), Optimize 360 (за создавање на различни верзии на даден веб сјат, оптимизиран врз база на неговата публиката), Tag Manager 360 (кој ќе нуди можност за прецизно собирање на податоци) и Data Studio (алатка за визуелизација на податоците).
Со својата нова платформа Google ќе им овозможи на бизнисите да ја следат и подобро анализираат својата публика, добивајќи информации за нивната употреба на разновидни уреди, вклучувајќи и мобилни. ”Google Analytics 360 Suite претставува моќен инструмент, кој ќе дава повеќе можности за продуктивно искористување на податоците за огласувачите. Имено, тоа е комплетна аналитичка платформа,” изјави Пол Мурет, потпретседател за аналитички, дисплеј и видео производи на Google.
Новата маркетиншка платформа дозволува и интеграција на платформи создадени од трети страни, како и на сопствените адвертајзинг платформи на Google како AdWords и DoubleClick Digital Marketing. Маркетерите ќе можат да ги комбинираат податоците од различни извори, за да создадат поефективни кампањи, додаваат од технолошкиот гигант.
Google Analytics 360 Suite е насочена главно кон големите бизниси, бидејќи цената на производот се движи околу шестцифрена сума во долари. Платформате е се’ уште во развојна фаза на затворени тестови спроведени со некои од поголемите партнери на компанијата.