Најголемиот светски пребарувач Google воведува ознака за проверка на вистинитоста при пребарувањето на слики, со цел да им помогне на луѓето да носат поинформирани заклучоци во однос на она што го гледаат на интернет. Компанијата веќе претходно ја имаше имплементирано опцијата за проверка на факти во пребарувањето на клучни зборови, линкови и вести.
Ознаката „Fact Check“ сега ќе се појавува под одредени слики, а кога ќе кликнете на фотографијата за да се зголеми, ќе се појави скратена форма на заклучокот од проверката на вистинитоста на таа фотографија. Ознаката ќе се појавува за слики кои сами по себе имаат поминато низ процес на проверка или се дел од статии кои биле дел од таков процес.
„Фотографиите и видеата се неверојатен начин за да им се помогне на луѓето да сфатат што се случува во светот. Но, моќта на визуелните медиуми има свои недостатоци – особено кога се доведени во прашање потеклото, автентичноста или контекстот на една слика“, посочуваат од Google.
Од компанијата исто така истакнуваат дека, како и во случајот со пребарувањето линкови, ознаката за „fact check“ нема да влијае врз рангирањето на сликите.
Претходно во годината, Google одвои 6,5 милиони долари со цел да ги помогне организациите ширум светот кои се занимаваат со проверка на вистинитоста на онлајн содржините.