Технолошката компанија Alphabet, под чија капа се наоѓаат Google и YouTube, ги објави финансиските резултати за четвртиот квартал на 2022 година.
Компанијата соопшти дека нејзините вкупни приходи во четвртиот квартал изнесувале 76.05 милијарди долари, што претставува раст од само 1% во однос на истиот период минатата година. Но, овој мал процент на раст не бил доволен за да го спречи падот од 4.2% на акциите на Alphabet по објавувањето на извештајот.
Приходите од огласување на Google во четвртиот квартал на 2022 година изнесувале 59 милијарди долари, што претставува намалување во однос на истиот период минатата година, кога пребарувачот забележал приходи од 61.2 милијарди долари.
Приходите од огласување на видео-платформата YouTube изнесувале вкупно 7.96 милијарди долари, што исто така е помалку од претходната година кога биле забележани приходи од 8.63 милијарди долари.
Единствено значително подобрување е забележано во однос на понудата на клауд-услуги, каде што компанијата забележала пораст од 32% и вкупен износ на приходи од 7.32 милијарди долари.