Во импресивна и елегантна атмосфера, во друштво на голем број пријатели и соработници Градежен Институт Македонија во хотелот Александар Палас го прослави својот 50 годишен златен јубилеј.
Основан во 1975 година, ГИМ за време на период од 5 децении создаде уникатен бренд кој нуди услуги во сите области на градежништвото под мотото ,, се на едно место”. Институтот нуди широк опсег на услуги и обезбедува изнаоѓање на комплексни решенија за најсложени проекти во градежништвото: консалтинг во сите фази на надзор и контрола на квалитет при изградба, проектен менаџмент и инженеринг, лабораториска контрола на квалитет на градежни работи и материјали, сертификација на градежни производи, изведба на геолошки, хидрогеолошки и геотехнички истражни работи, изведба на сложени специјалистички работи во градежништвото.
„Прекрасно е да се биде дел од континуитетот на успехот на една Компанија што неуморно се развиваше низ годините справувајќи се со секакви предизвици во окружувањето во кое работевме, од промени на политички системи до огромен технолошки скок. Опстојуваме, се развивавме, бевме и останавме лидери во градежниот консалтинг. Голема благодарност до наште ценети вработени и клиенти кои низ годините ја поддржуваа и обликуваа нашата приказна за успех“ – изјави Влатко Иванов генерален менаџер на ГИМ.
Низ годините на своето работење Градежен институт Македонија се разви во комплексен деловен систем на светска модерна компанија која денес е лидер на домашниот пазар, но и на Балканот преку своите подружници кои активно делуваат во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Романија. Со зголемување на соработката со регионални и европски компании и влегување во нивната мрежа се отворат можности за заеднички настап на трети пазари.
Покрај ширењето на нови пазари уште еден важен сегмент е постојаното вложување во едукација, истражување и развој. Преку стратегијата за менаџирање со знаење, центарот за развој на ГИМ со својот приватно научен институт ИЕГЕ ја освоија првата светска награда на Европската конференција за управување со знаење. Развиениот CO-IN модел создаде мост помеѓу индустријата и академијата во земјите во развој, овозможувајќи трансфер на знаење и иновации кои поттикнуваат економски и технолошки напредок.
Градежен Институт Македонија продолжува да ја остварува својата визија за раст и развој, создавајќи можности кои ќе обезбедат светла иднина за идните генерации.