Граѓаните на американскиот град Њујорк беа непријатно изненадени од градскиот Оддел за управување со кризи кој ги врати во времето на Студената војна и објави видеоспот за „нуклеарна подготвеност“.
Имено, 90-секундниот спот претставува кратко упатство за тоа како граѓаните треба да се однесуваат и што да направат во случај на нуклеарен напад врз градот. Со растечките тензии во светот, пред сé рускиот напад на Украина, идејата позади видеото е разбирливо. Меѓутоа, начинот на кој спотот е изведен и тајмингот на неговото објавување предизвикаа бројни недоумници кај гледачите.
Без никаква директна воена закана, спотот предизвика страв кај жителите на Њујорк, предизвикувајќи конфузија и низа прашања дали градот е нападнат. Некои луѓе на социјалните мрежи навлегоа дури во јазикот кој е користен за видеото, па прашуваат зошто спотот воопшто ја користи фразата „кога градот ќе биде нападнат“, а не „доколку градот биде нападнат“?
Видеото им укажува на граѓаните, прво, да се држат подалеку од прозорците и да бараат безбедност во нивните згради бидејќи мегатонска нуклеарна бомба го збришала центарот на градот. Потоа, видеото ги замолува луѓето да се истушираат, веројатно за да се исчистат од некави нуклеарни остатоци со кои можеби дошле во контакт. Третиот и последен чекор им наложува на гледачите да ги следат известувањата од својата влада.
Се чини дека на Одделот за управување со кризи на Њујорк му треба помош за одржување на смиреноста на своите луѓе бидејќи, во обид да ги подготви, наместо тоа, ненамерно ги вознемири жителите на градот.