Грчката телекомуникациска организација (OTE) го претстави новото комерцијално име „Космоте Телеком“, наместо досегашното „Космоте“, доближувајќи се до брендингот на нивниот главен акционер – германскиот Дојче Телеком.
Кон логото на грчкиот телекомуникациски бренд ќе биде додадена големата буква „Т“, поместена во магента-обоено поле, како препознатливи белези што ја акцентираат врската со германската компанија. Новото лого ќе биде придружено со слоганот „Ние го поврзуваме вашиот свет“ (“Συνδέουμε τον κόσμο σου”).
Промената на комерцијалното име, во насока на усвојување на брендингот на Дојче Телеком, била предмет на систематско истражување од страна на менаџментот на ОТЕ најмалку две години. Германскиот телекомуникациски гигант влезе во акционерскиот капитал на ОТЕ во 2008 година и моментално поседува мнозински удел од 53,4%. Притоа, според грчките медиуми, придонесот на групацијата ОТЕ во финансиските перформанси на Дојче Телеком е трет најсилен на меѓународно ниво, по САД и Германија.
„Со приклучувањето кон екосистемот на глобалниот бренд Телеком, ја консолидираме нашата позиција како член на глобална телекомуникациска група, со доминантно присуство во Америка и Европа, со голема сила и економии на обем. Во исто време, стекнуваме меѓународен отпечаток, што создава додадена вредност за нашите клиенти, нашите луѓе и сите засегнати страни, и нè разликува уште повеќе од конкуренцијата“ – посочува претседателот и извршен директор на ОТЕ, Костас Небис.
„Стратешката одлука за обединување на двата бренда означува нова ера на можности. Преку Космоте Телеком, ќе можеме дополнително да го искористиме знаењето, иновациите и меѓународните партнерства на Телеком и да усвоиме уште понапредни решенија со глобален дострел. Нашата цел не е само да ги задоволиме барањата на дигиталното доба, туку и да ги надминеме“ – додава Небис.