GroupM, медиумската инвестициска група на WPP, пред неколку денови ја претстави својата иницијатива “Back to News” („Враќање кон вести“) – прва програма во индустријата за поддршка на повторното инвестирање на медиумските буџети во веродостојни дигитални издавачи на вести кои ја унапредуваат практиката на одговорно новинарство ширум светот.
Програмата ќе се реализира во сорабока со Internews, најголемата светска непрофитна организација за медиумска поддршка, обезбедувајќи им на клиентите на GroupM пристап до висококвалитетни огласувачки средини на проверени локални, национални и меѓународни веб-сајтови за вести.
Програмата “Back to News” е поткрепена со иницијативата “Ads for News” на Internews која им помага на брендовите и агенциите да допрат до ангажираната публика на повеќе од 10.000 доверливи локални веб-портали за вести во повеќе од 50 земји. Порталите ќе бидат проверени и одобрени од “Ads for News” и до нив ќе може да се пристапи преку списокот за вклучување во програмата Back to News за секој поединечен пазар, преку директен договор по приватна покана или преку инвентарен пакет со јавно наддавање, а сѐ со цел овозможување на што повеќе клиенти да се вклучат во програмата.
Партнерството има за цел да воспостави активни листи за вклучување на 60 меѓународни пазари до крајот на 2023 година.
„Ја имаме видено штетата што кампањите за дезинформации можат да ја направат врз социјалната кохезија и довербата во институциите. Ние веруваме дека огласувањето може да игра важна улога во борбата против овој тренд со поддршка на создавање споделени реалности вкоренети во веродостојно новинарство засновано на факти. Уште повеќе, знаеме дека инвестирањето во вести дава резултати за брендовите: рекламите што се гледаат на висококвалитетни вести сајтови се сметаат за 74% подопадливи и добиваат 20% поголем ангажман од истите реклами на сајтови со послаб квалитет. Преку ‘Back to News’ и нашето партнерство со Internews и нивната иницијатива ‘Ads for News’, истовремено можеме да постигнеме резултати за нашите клиенти и да ја покажеме моќта на медиумите за позитивно влијание врз општеството“ – објаснува Кили Тејлор, глобална директорка за партнерства во GroupM.
Оправданоста за лансирањето на програмата “Back to News” е поткрепена од истражувањата на Бирото за интерактивно рекламирање (IAB) кое покажува дека рекламирањето во новински дигитални средини има позитивно или неутрално влијание врз 84% од потрошувачите. Огласувачите во новински средини имаат придобивка од подготвеноста за купување кај 43% од потрошувачите, додека 39% од потрошувачите се согласуваат дека им е удобно да препорачуваат брендови кои се рекламираат во новински средини.