Пребарувачот Гугл започна преговори со цел да постигне договор за лиценци со медиските издавачи и со тоа да ги ублажи критиките според кои овој гигант неправедно ги користи нивните информации
Преговорите меѓу претставниците на Гугл и медиумите само што започнаа, а издавачите се претежно од Франција и други европски земји. Плаќањето за информации би претставувало пресврт за Гугл, кој со години е на мета на критики во медиумите, бидејќи објавува содржини во резултатите од пребарувањето на интернет, а со тоа генерира приходи од реклами поврзани со тие медиуми, без договор со нив.
Претставникот на Google, Ричард Џинграс, изјави дека компанијата се обидува да пронајде начини и да им помогне на издавачите.
„Сакаме да им помогнеме на корисниците на интернет да најдат квалитетни информации во медиумите. Доброто информирање е важно за демократијата, а тоа помага да се поддржи одржлив медиски свет“, рече тој.
Весникот Волстрит Журнал објави дека Гугл размислува за договор за развој на „премиум“ информации.
Гугл останува на ставот дека одбива да плати за линковите на медиуми коишто се појавуваат во резултатите од пребарувањето на интернет, велат извори блиски до ова прашање. Компанијата објасни дека со самото тоа што корисниците на интернет се поврзуваат со линкови до веб-страниците на медиуми, издавачите можат да заработат од рекламирање.
Преку програмата Google News Initiative, американскиот гигант соработува со издавачите со цел да ги стимулира корисниците и претплатниците. Кон крајот на октомври, Фејсбук, кој се соочи со слични критики, понуди вести од „квалитетно“ новинарство за поддршка на медиумите и искоренување на дезинформациите.
Гугл започна преговори откако беше под притисок да се усогласи со директивата на ЕУ со која е воведено „соседско право“, слично на авторските права, во корист на издавачите и новинските агенции.
Минатата година Гугл соопшти дека нема да им плаќа на европските медиуми за употреба на нивните статии, слики или видео записи во Франција, првата земја што ја ратификуваше оваа Директива на ЕУ и компанијата веќе е тужена од голем број новински куќи, вклучително и Франс Прес.