Преку кампањата „На наша сметка“ до ваучер од 500 денари за локалите клиенти на банката
Како дел од својата заложба за поддршка на малите бизниси погодени од корона-кризата, Халкбанк продолжува со уште една кампања наречена „На наша сметка“ преку која дава директна помош на вкупно 133 локали од угостителскиот сектор низ целата територија на земјата.
Преку оваа кампања, која инаку ќе трае сѐ до 30 септември, сите нови или постоечки клиенти – физички лица на Халкбанк, доколку станат корисник на некој од продуктите на банката, како: нов кредит, нов депозит, дозволено пречекорување на трансакциска сметка, нова Mastercard кредитна картичка или пак трансакциска сметка со плата во Халкбанк, ќе добијат Mastercard дебитна картичка и вредносен ваучер од 500 денари кој ќе може да го искористат во еден од локалите кои се клиенти на филијалата од каде го подигнале ваучерот.
Филијалите, всушност, имаат обврска на секој нов или постоечки клиент кој ќе земе нов продукт во дадениот временски интервал, да му дадат вредносен ваучер од еден од локалите кои се на неговата листа. На овој начин, банката дава директна поддршка на локалните бизниси, на своите клиенти, но и на филијалите со кои тие работат.
„Малите бизниси се од големо значење за економијата, и кога тие страдаат, страда целата нашата држава. Во Халкбанк ја согледуваме и прифаќаме обврската да бидеме едни од поддржувачите на овие значајни деловни субјекти во кои е вклучен значаен број на работна сила и кои чинат значаен столб на нашата економија. Особено во време на пандемија, кога голем дел од нив беа принудени да ги затворат своите врати и директно сѐ уште ги трпат економските последици од здравствената криза, ние преку повеќе иницијативи и кампањи се трудевме да им помогнеме, со цел полесно и побргу повторно да го заживеат својот бизнис. Овој пат, со здружени сили со Mastercard, преку кампањата ‘На наша сметка’ даваме и поконкретна и позначителна помош на нашите локални клиенти, со инвестиција вредна повеќе од 25.000 евра. Искрено се надеваме дека со овој гест барем малку ќе успееме да придонесеме за зајакнување на нашиот угостителски сектор и ќе инспирираме дополнителна поддршка и од други“, изјави Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.
Кампањата започна од 4 август, а сите заинтересирани нови или постоечки клиенти на Халкбанк, за добивање на вредносниот ваучер може подетално да се информираат во својата локална филијала.