Британскиот нафтен гигант Shell го додели својот глобален медиски договор на агенцијата Havas Media Network, дел од француската маркетинг групација Havas.
Посочената агенција ќе биде задолжена за развој на медиумска стратегија, планирање и закуп на медиумски простор за нафтената компанија на глобално ниво, во договор чија вредност се проценува на околу 27 милиони американски долари.
Havas го доби медискиот договор на Shell по тримесечна ревизија спроведена од страна на нафтената компанија, во конкуренција на речиси сите поголеми маркетинг групации. Процесот беше проследен со големо негодување од страна на еколошките организации, кои дури и одржуваа протести пред канцелариите на огласувачот и агенциите кои учествуваа во ревизијата.
„Во Havas, ние сме посветени на поддршката на компаниите во нивните напори за раст и трансформација. Задоволни сме што сме назначени за глобална стратешка агенција за медиумски закуп на Shell и со нетрпение очекуваме да работиме со тимот на Shell за да осигураме дека потрошувачите се подобро информирани за опсегот на енергетски решенија што компанијата ги нуди денес и во кои инвестира за иднината“ – посочува Шарлот Рамбо, глобална генерална директорка за комуникации во Havas.