Светскиот бренд на кечап Heinz сака да се пофали со тоа дека е најпрепознатливиот бренд на кечап во светот. Од реклами во кои нема експлицитен брендинг освен генералната форма на нивното лого, до социјални експерименти во кои од потрошувачите се бара едноставно да “нацртаат кечап”, а цртаат Heinz – брендот се чини дека ја потврдува својата препознатливост.
Овој пат, компанијата се реши да ја праша и вештачката интелигенција, специфично софтверот DALL-E кој генерира слики од каков било внесен текстуален опис, и тоа во само неколку секунди. Од DALL-E во овој случај беше побарано да направи слики поврзани со само еден збор: “кечап”.
На изненадување на брендот, или не, системот за вештачка интелигенција продуцираше варијанти на шишиња Heinz. Брендот потоа реши да си поигра малку, па побара од DALL-E да направи слики од кечап во различни естетски стилови, како “ренесанса”, “улична уметност”, “вселена” и “американа”, меѓу останатите. Секој пат, вештачката интелигенција “облекувала” шишиња Heinz во различните естетски стилови.
На крај, од компанијата заклучиле дека: “Дури вештачката интелигенција знае дека кечапот е Heinz, без разлика како ќе ја прашаме”.
Кампањата била создадена со помош на агенцијата Rethink Canada.