Секој кој јаде кечап барем еднаш во животот се има здобиено со дамки од него на својата облека, а токму тој факт стои позади инспирацијата за новата кампања на еден од најпрепознатливите брендови на доматниот сос во светот – Heinz.
Имено, Heinz се здружиле со онлајн платформата за облека од втора рака ThredUP за да ја лансираат модната колекција “Heinz Vintage Drip”, која се состои од 157 артикли на половна улична облека и дизајнерски парчиња кои се намерно извалкани со дамки кечап.
„Додека Heinz е глобално препознатлив по култното стаклено шише и бавното истурање кечап, видовме можност да ја реинтерпретираме дамката што ја остававме на облеката како уште еден препознатлив симбол на брендот и да ја смениме приказната од „дамка“ во „израз“. Оваа колекција е наменета за одржливо славење на карактерот кој дамките од кечапот на Heinz ѝ го даваат на облеката, повикувајќи ги нашите фанови да прифатат еден нов иконичен симбол“ – објаснува Алиса Цицеро, бренд менаџер во Heinz.
Кампањата доаѓа во време кога побарувачката за половна облека е поголема од кога било, при што Извештајот за препродажба за 2022 година покажува дека 62% од Милениумците и припадниците на Генерацијата Z првин бараат производ од втора рака пред да одлучат да купат нов.
Покрај еколошката порака, колекацијата е специјално дизајнирана да биде инклузивна за сите големини и полови, кои се движат од XXS до XXL. Сите приходи од продажбата ќе бидат наменети за непрофитната организација Rise Against Hunger која се бори против светскиот глад.
Втората група на парчиња облека со дамки од кечап е планирано да биде лансирана на 13 септември 2022 година.