H&M започна со тестирање на услугата за изнајмување на облека додека модната индустрија се соочува со се` поголема критика поради отпадот и загадувањето во текот на производствениот процес
Од петок 29 ноември, потрошувачите можат да изнајмат облека за 350 шведски круни (37 долари) неделно во реновираната главна продавница на плоштадот Сергелс Торг во централниот дел на Стокхолм.
Шведскиот бренд ја следи конкуренцијата од Banana Republic и Urban Outfitters, кои лансираа слични услуги оваа година за влез на пазарот кој достигна една милијарда долари во 2018 година. Веб-страниците како Виннет и Хур Колектив се шират во Европа, нудејќи им на потрошувачите начин да продаваат или изнајмуваат носена облека.
Моделот за изнајмување H&M е ограничен на колекција од 50 понудени парчиња на облека кои им се нудат на членовите на програмата за лојалност на компанијата. H&M ќе ги процени резултатите после три месеци пред дополнително да го прошири асортиманот. Продавницата, која тестира нови концепти, ќе обезбеди и услуги за поправка на облека, кафе бар и салон за убавина.
“Силно веруваме во успехот на изнајмувањето, но сепак ќе ги испитаме реакциите на потрошувачите и ќе научиме повеќе за да воведеме подобрување и потребни промени“, изјави Даниел Класон, шеф на развојното работење во шведската компанија.
Модната индустрија е под се поголем надзор, бидејќи е одговорна за дури 10 отсто од глобалната емисија на штетни гасови со ефект на стаклена градина и троши повеќе енергија отколку воздухопловството и бродарството заедно, покажуваат податоците на ОН.