Младинско кино на ЕУ: Зелен договор (EU Youth Cinema: Green Deal) влегува во својата втора сезона, благодарение на поддршката од Креативна Европа МЕДИА и спонзорите. До февруари 2026 година, на наставниците и нивните училишни паралелки во 12 земји, ќе им бидат понудени бесплатни кино настани и стриминг: Северна Македонија, Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Украина и Јужен Тирол. Здружението Гоу Грин од Скопје е македонски проект партнер и ги координира активностите во регионот. На Светскиот ден на животната средина, 15 години по неговата светска премиера ремек-делото HOME (ДОМ), (2009, Јан Артус-Бертранд) ќе се прикажува бесплатно во одбрани кина.
Зелениот договор на ЕУ е одговор на Европа на предизвиците на климатските промени и глобалната деградација на животната средина. Служи како патоказ за одржлива иднина и се однесува на прашања како што се биолошката разновидност, зачувувањето на шумите, зелените градови, чистата енергија и многу повеќе. Младинското кино на ЕУ е дел од европската стратегија за зелен раст: иновативен проект кој обезбедува единствена платформа за споделување искуства и знаења и ги ангажира идните генерации преку извонредни европски филмови и панел-дискусии од висок профил во кината и преку стриминг.
Благодарение на финансирањето од ЕУ и другите спонзори, целата содржина е достапна бесплатно. Покрај Creative Europe MEDIA (програма: развој на публика и филмско образование), Австриското Министерство за клима (BMK), Виена Иншуренс Груп со македонскиот бренд Македонија Осигурување, Винер Нонлајф и Винер Лајф и Синеплекс Интернашнл Синема Груп го поддржуваат овој проект како ексклузивен кино партнер.
“Синеплекс Интернешнл е застапен во единаесет од дванаесетте земји и придонесува за успехот на овој високо иновативен проект со својата релевантна кино експертиза, прилагодени маркетинг мерки и првокласна инфраструктура. Ние, исто така, ја гледаме оваа соработка како одлична можност да помогнеме во воспоставувањето на зелено училишно кино во 33 европски градови каде моментално се прикажуваат, од Виена и Салцбург до Скопје, Тирана, Сплит и Солун, како места каде што може да се отвори дијалог ориентиран кон иднината помеѓу генерациите и размена на знаење, искуство и еколошки практики!“, вели Кристоф Папоусек, извршен финансиски директор и копартнер на Синеплекс Интернешнл, кој е ексклузивен кино партнер во 11 земји.
Химна за Земјата од Јан Артус-Бертранд
Филмот HOME (Франција, 2009) на Јан Артус-Бертранд ја слави убавината на Земјата и е страстен апел да се спаси од уништување. Убедлив и пркосен оптимист, филмот патува низ 54 земји, испитувајќи ја состојбата на сината планета и факторите кои играат улога во нејзината иднина.
Јан Артус-Бертранд, француски фотограф, продуцент и режисер на HOME, објаснува: „Со HOME сакавме да бидеме пионери на нов модел на кино – активистичко кино кое вклучува граѓанско општество и различни невладини организации. Воодушевен сум што 15 години по неговата светска премиера, филмот стана дел од младинското кино на ЕУ и допира до илјадници млади луѓе во Европа и пошироко“. Во исто време, тој предупредува: „Нашиот сегашен тек ја загрозува нашата цивилизација и ги исцрпува ресурсите на Земјата. Треба да размислуваме за создавање нов и поправеден систем, кој може да се постигне само со промена на јавното мислење“.
HOME: Бесплатни кино проекции на Светскиот ден на животната средина
Младинското кино на ЕУ ги поканува заинтересираните страни да се приклучат на иницијативата на Светскиот ден на животната средина на 5 јуни 2024 година и заедно да го погледнат филмот HOME. Во Северна Македонија е планирана проекција во:
Синеплекс – Скопје Сити мол
На 5 јуни 2024 во 10:00 часот
Влезот е бесплатен.
HOME може да се стримува и преку www.euyc.green. Дефинитивно вреди да се провери! На платформата за стриминг има и други возбудливи филмови кои се достапни со македонски преводи и без регистрација.
По завршувањето на проекцијата ќе следи дискусија, во која ќе се вклучат 16 – годишната Ива Трпески – Еко-активист и Филип Најдовски, 18 – годишен млад претприемач (webiray.mk). Според Ива Трпески нејзината желба за еко активизмот ги инспирира и други да се приклучат кон напорите за создавање поодржлива и поеколошка иднина.
„Еко активизмот е значаен дел од мојот секојдневен живот и вредности. Во моето семејство сме длабоко посветени на одржлив начин на живот, при што секојдневно практикуваме еколошки навики. Гордо можам да кажам дека бев дел од голем проект за циркуларна економија, каде што спроведував работилници за селектирање отпадоци во основни училишта. Овие активности ми дадоа можност да ги едуцирам младите генерации за важноста на правилното управување со отпадоци и рециклирање. Еко акцијата што ја спроведов во мојот град, ми овозможи да бидам дел од проектите на Гоу Грин и дополнително да придонесам кон заштитата на нашата планета“, вели Трпески.
Филип Најдовски преку активирање во стартапи согледал можности да се работи на заштита на животната средина.
„Како млад еко активист, работев на стартап за ride sharing чија главна цел е намалување на CO2 емисиите. Проектот нуди прилагодливи и економични транспортни решенија кои го намалуваат бројот на возила на патиштата и придонесуваат за почиста животна средина. Дополнително, преку мојата агенција за развој на софтвер Вебирај, целиме кон развивање на еко платформи кои поттикнуваат одговорно користење на ресурси и поддржуваат еколошка свест“, вели Филип Најдовски.
Младинското кино на ЕУ: Зелен договор има големи планови. Во наредните месеци ќе се одржат и други кино настани за ученици и пошироката јавност, а планирани се и онлајн дискусии со австриски и меѓународни гости. Детали за тековната агенда и можностите за регистрација на наставниот кадар: www.youth-cinema.eu/mk.