Јужнокорејскиот производител на автомобили Hyundai се здружи со модниот дизајнер Џереми Скот, инаку поранешен креативен директор на италијанскиот луксузен бренд Moschino, со цел да рециклира стари автомобилски делови во парчиња висока мода.
Колекцијата насловена „Re:Style 2023“ била оформена околу прашањето: Зошто не би се свртиле кон автомобилите како инспирација за облека? Во таа смисла, како материјали за создавање на парчињата облека биле искористени сите автомобилски делови кои можат да се спасат од отпад, вклучувајќи и некои неконвенционални предмети.
Па така, некои парчиња од колекцијата вклучуваат материјали направени од стари исечени гуми, сигурносни појаси претворени во ремени, странични ретровизори претворени во блескави фустани и бандаж од тркало пренаменет во централен дел на долг и раскошен црн фустан.
„Кога Hyundai ми пријдоа, се почувствував истовремено почестен, но и предизвикан. Ја сакам идејата да изработам нешто со материјали што никогаш порано не сум ги користел. Стари задни светла и безбедносни појаси беа нешто сосем ново за мене, но тоа покажува дека со креативност можете да вдахнете нов живот во било што“ – истакнува дизајнерот Џереми Скот.
Колекцијата ќе биде достапна за гледање од јавноста само во Сеул, Јужна Кореја, до 9 април.
Целта на кампањата е да ги промовира еколошките заложби на Hyundai, која планира да стане јаглеродно неутрална до 2040 година, истовремено испраќајќи позитивна порака до јавноста за заеднички стремеж кон еколошки одржлива иднина.
View this post on Instagram