После долги години апстиненција од официјални ТВ мерења, како што дознава Маркетинг365, конечно и јавниот сервис МРТ ќе биде дел од телевизиите кои ќе се мерат во системот на Нилсен кој е официјален мерач на Телевизиите со одлука на Комитетот на индустријата, телото кое го сочинуваат домашните маркетинг агенции, телевизии и АВМУ.
Ова значи дека одсега достапни за преглед преку софтверот Аrriana ќе бидат и податоците за гледаноста на програмите на МРТ со детален приказ на демографските и географските карактеристики на самата публика. Ова ќе овозможи повеќе бенефити и за самата телевизија, но и за агенциите и огласувачите.
Телевизијата ќе може да следи каков рејтинг имаат нејзините програми, како тие котираат во споредба со програмите на другите телевизии, какви сегменти недостигаат, каква публика од демографски и географски аспект ги следи, кога најчесто се случува миграција кон МРТ и од МРТ на другите канали и сл. Со еден збор, конечно ќе може во однос на својата програмска понуда и шема да носи одлуки засновани на податоци и преференции на публиката.
Агенциите и огласувачите, од друга страна, ќе добијат пристап до официјални податоци што ќе им овозможат полесно да ги планираат своите кампањи, да ја прошират својата понуда за огласување и попрецизно да остварат досег до определен сегмент на гледачката публика.
Во секој случај, оваа новост мора да се поздрави и доколку правилно и сериозно биде искористена од МРТ за очекување е дека ќе придонесе и за подобрување на програмската понуда како и за зголемување на ставката приливи од огласување.
Според информациите на Маркетинг365 во скоро време кон официјалните мерења се очекува да се приклучи и уште една домашна ТВ станица.