По големиот успех со изложбата на Димитар Кондовски минатата година, за тимот на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ беше огромен предизвик да го задржиме нивото на естетика и актуелност. Затоа се одлучивме да се зафатиме со предизвикот и да се потсетиме на Младен Туниќ, еден од малкуте легенди од овој калибар, кој иако подзаборавен, секогаш е присутен преку книгите и детските списанија кои сѐ уште се читаат, разгледуваат – рече Урош Вељковиќ, одговорен за реализацијата на ретроспективните изложби на фестивалот „Литера“, на отворањето на изложбата на илустрации на Туниќ синоќа во Чифте амам во Скопје.
За оваа изложба јас сум посебно емотивно поврзан, додава тој.
-Чичко Младен лично го познавав, затоа што нашите фамилии се многу блиски. Иако јас не го паметам доволно, оставил траен белег врз моето постоење. Се прашувам, кога твореле во канцеларија заедно со легенди како Александар Кајевски и Александар Цветковски, дали знаеле дека ќе достигнат ваков култен статус сите тие кои први го правеле ова за сите нас на овие простори. Се надевам дека со овој серијал изложби кои ги подготвуваме овие три години, ќе влијаеме позитивно и на младите илустратори, оние на кои допрва им доаѓа времето. Се надеваме и на повеќе слух од државата за вакви проекти. Огромна благодарност до фамилијата Туниќ, а посебно до Жарко Туниќ за безрезервната поддршка – рече Вељковиќ.
„Литера“ е сон на сите членови во тимот, кои макотрпно работеа изминативе три месеци. Секој член на овој тим е значајна алка во синџирот. Заедно негуваме искрено пријателство, труд и се залагаме за промени во општеството во кое живееме, истакна Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот. Клучни во целиот процес се оние кои нѝ подадоа рака за нашата идеја да стане реалност.
-Им благодарам на „Халкбанк“ што втора година се наши пријатели и заедно создаваме вредности. Како што велат тие, важни се луѓето, а ние ќе се надоврземе дека важна е културата, уметноста, како и да го сочуваме и афирмираме нашето национално богатство. Благодарам на Печатница Софија што не следат веќе трета година во сите активности. На моите колеги од маркетинг агенција „Ефектива“ што веруваат во мојата визија за фестивалот. Благодарам на сите компании кои буквално нѝ подаваат рака и се свесни за вредностите кои ги создаваме. „Литера“ полека, но сигурно ќе стане бренд на овој град – истакна Семенпеева-Трајановска.
Таа го истакна и новото лого на фестивалот – бувче, кое сѐ уште нема име. Автор е Кристијан Јованоски.
Гостите ги поздрави и Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на РСМ.
-По успешното минатогодишно претставување на илустрации на Димитар Кондовски, особено ни е драго што како институција го препознавме значењето и потенцијалот на овој фестивал кој и годинава се одржува во соработка со Националната галерија. Секако, овие соработки секогаш одат во прилог на збогатување на едукативниот дел од нашата дејност, како значаен сегмент во развојот на културата и културните вредности кај публиката од најрана возраст. Туниќ зад себе оставил огромно наследство на илустрирани сликовници и книги за деца, учебници и списанија, стрипови и тн, а неговиот ракопис се карактеризира со лесен лирски и распеан цртеж и богат колорит, веднаш прифатлив за искрените детски срца. Посакуваме многу успех во реализација на ова издание на фестивалот, како и многу други во иднина, бидејќи илустрацијата за деца е мошне значаен дел од нашата визуелна култура на кој треба да му се даде особено значење – рече Старова-Ќерими.
Фестивалот „Литера“ го поддржуваат: Халк банка, Министерството за култура, Софија принт, Маја вода, Вива сокови и Жито Пром Гевгелија.