Уште од нејзиното основање во 2005 година, холандската чоколадна компанија Tony’s Chocolonely се бори на оригинален начин за чоколадна индустрија ослободена од робовладетелство. Дури и нејзиното чоколадо е поделено на нееднакви коцки, бидејќи чоколадната индустрија е неправедна, а обвивката е „алармантно“ црвена. Но, до ден денес, сé уште постојат два милиони деца кои нелегално работаат во меѓународната индустрија за какао. Тоа е екстремно неправедно.
Поради тоа, овој оптимистички бренд со став сега сака ги зацврсти своите оригинални амбиции на меѓународно ниво. Иако сите во Холандија знаат за Tony’s Chocolonely (брендот е лидер на холандскиот пазар за чоколади од 2018 година), не сите во другите држави слушнале за него. Да, тој е „шарен“ и има некаква врска со добра кауза, но што точно?
Во свет кој забрзано се поларизира и сé повеќе бара отворено изразување на ставови, независната агенција HERC создаде креативен манифест за Tony’s Chocolonely со британскиот актер, режисер и мулти-талент Идрис Елба, како уметник на изговорениот збор. Целта е точно да се покаже за што се залага брендот: што е неправедно (и Tony’s и Идрис го осудуваат), а што е праведно – како една од емоционалните сцени во спотот: „Деца кои слободно си играат како шефови. Да, праведно.“
„Tony’s Chocolonely е брилијантен бренд со прекрасна, многу специјална мисија. Со амбиција да ја претстави и прошири својата порака и на другите пазари, брендот сакаше јасен манифест кој ќе го артикулира и визуелизира нивното мото „Луди за чоколадото, сериозни за луѓето“. Па така, ние го преведовме „брендот“ (Tony’s не се рекламира) во бројни контрастни примери на „праведни“ и „неправедни“ сцени. Исто како Tony’s: среќни и сериозни во исто време,“ истакнува Роже де Бруин, соосновач и креативен директор на HERC.
„Зошто Идрис Елба? Тој совршено одговара на брендот. Неговата мајка е од Гана која, заедно со Брегот на Слоновата Коска, е главниот производител на какаови зрна во светот. И тој сакаше да го направи тоа: тој е страствен да помогне во подобрувањето на животот таму, така што мисијата е навистина привлечна за него (плус ние сме тајно малку заљубени во него, Идрис е во скоро сите наши презентации – вклучувајќи ја и нашата прва презентација пред Tony’s). Во форма на изговорен збор, со комбинација на афропанк, тој е гласот на Tony’s Chocolonely во манифестот. Спотот е максимално експресивен – преку облеката, градацијата, камерата, мешаните илустративни стилови, во сé. Исто како енергијата на Tony’s: целосно шарена,“ додава Емилио де Хаан, исто така соосновач и креативен директор во HERC.
Де Бруин додава дека е „фантастично, особено во денешно време, да бидеме во можност целосно да го применуваме нашиот пристап на „среќен активист“, весел бренд кој прави нешто добро за светот. Исто така беше одлично да се соработува повторно со Текла Шефер, со која имаме работено и претходно. Имаме споделен вкус за популарната култура: и двете страни внимателно следиме што актуелно се случува во однос на движења, стилови и ставови. Тоа е навистина стимулативно.“
Текла Шефер, генералниот маркетинг директор на Tony’s Chocolonely, истакнува: „За мене, беше прилично едноставно: HERC го разбираат културниот дух на времето како ниту една друга агенција и знаат како да преведуваат комуникациски стратегии во шарени, карактеристични креативни дела. Токму она што му е потребно на Tony’s Chocolonely.“
Брендот има и отворена петиција за целосна одговорност во чоколадната индустрија, поканувајќи ги сите поддржувачи да се приклучат кон неа и да го дадат својот потпис.