По успехот на фестивалот Golden Drum, I&F McCann Група беше домаќин на водечките имиња од светот на маркетингот кои работат во рамките на европските и американските McCann агенции, уште еднаш потврдувајќи ја лидерската позиција на McCann агенциите во Југоисточна Европа. На дводневната конференција, која се одржа за прв пат во Белград, се дискутираше за предизвиците кои ги наметнува забрзаниот технолошки напредок пред маркетингот, како и влијанието на локалните култури врз кампањите на брендовите.
Срѓан Шапер, основач на I&F McCann Група и домаќин на овој настан, рече дека ова е можност за размена на искуства и мислења за иднината на маркетингот. “Овој состанок е важен не само поради тоа што Белград го става на мапата на светската маркетинг сцена, туку помага и за развој на креативните индустрии во Србија и во регионот. Во Србија, креативната индустрија веќе учествува со 7 отсто од БДП и вработува десетици илјади луѓе. Дигитализацијата и` даде на креативната индустрија дополнителен импулс и е важна за развојот на целиот регион. Кога зборуваме за иднината на маркетингот, таа е таму каде што била и во минатото – во креативноста. Колку идеите бидат подобри, односно доколку предизвикуваат емоции, толку и кампањите бидат подобри”, рече Срѓан Шапер.
Нанет Дуфор, претседател задолжен за управување со глобални клиенти од McCann Worldgroup Њујорк, вели дека е голема предност да се биде дел од едно големо глобално семејство на агенции, како што е McCann. “Ние сме глобална мрежа, поврзани сме и многу учиме едни од други. Знаењето стекнато на едно место го пренесуваме на сите наши агенции. Затоа сме важни и за светските брендови, бидејќи нив им е неопходна нашата поврзаност и знаење од многу различни пазари. Потрошувачите бараат локален пристап. Доколку ја разберете локалната култура и улогата на брендот за кој работите, тогаш можете да направите ефективни маркетинг кампањи кои даваат резултати. Треба да имате локален увид и глобална ширина “, заклучува Нанет Дуфор.
Марк Лунд, директор на McCann Worldgroup Велика Британија, посочува дека локалниот пристап и локалното знаење стануваат сè поважни и дека глобалните брендови постојано размислуваат за тоа како нивната порака да биде доволно видлива на локалните пазари. “Многу работи се променија. Бројот на канали и начини на кои можете да пристапите до потрошувачите се зголеми повеќекратно благодарение на социјалните мрежи и дигитализацијата. Сè е многу побрзо и посложено од порано. Сепак, на крајот, идејата е она што не се промени и никогаш нема да се промени. Морате да имате добра идеја. Добрата идеја останува клучот за успехот”, вели Лунд.
“Кога станува збор за иднината на маркетингот”, додава Лунд, “јасно е дека стануваме информирани бидејќи живееме во време на податоци, но потребно е знаење и сила за обработка на овие податоци. Мислам дека податоците ќе ги зајакнат, а не заменат, човечката емпатија и креативност. Брендовите се важни за нас бидејќи тие претставуваат збир на вредности што сакаме да ги споделиме и да ги направиме дел од нашиот живот. Добриот маркетинг се рефлектира во дизајнот, сликовитоста и раскажувањето на приказни. Тоа се суштински човечки вештини. Креативноста ќе продолжи да биде во центарот на она со што се занимаваме. “