Данскиот бренд за играчки LEGO лансираше нова кампања насловена “Play Is Your Superpower” („Играта е твојата супермоќ“), славејќи ги хероите кои се истакнуваат во свет кој заборавил како да игра.
Кампањата е изградена околу интерактивен филм во кој група од шест деца внесуваат игра и забава во строгата и монотона канцелариска атмосфера на некоја голема компанија. Притоа, холивудската актерка Џејн Линч ја толкува улогата на директорка опседната со работа, која станува просветлена за придобивките од играта гледајќи го нејзиното влијание низ очите на шестте авантуристички деца.
Преку официјалната веб-страница или мобилната апликација на LEGO, гледачите можат да стапат во директна интеракција со брендираниот филм и да земат учество во играта на децата преку одговарање на прашања и загатки кои во текот на филмот ќе им се појавуваат на екранот.
Од LEGO се надеваат дека кампањата повторно ќе го разгори духот на играта – и тоа не само кај децата, туку и кај возрасните.
Идејата за кампањата произлегла од неодамнешно истражување кое покажало дека децата поминуваат само 2% од неделата во игра, што е еднакво на седум часа. За споредба, просечната возрасна личност посветува дури 26 часа неделно на „скролање“ на паметен телефон.
Овој растечки дефицит во игра ја нагласува итната потреба да се врати виталната улога што играта ја има во развојот на когнитивните способности и целокупната благосостојба кај децата.
Покрај интерактивниот филм, новата кампања на LEGO ќе вклучува и телевизиски спотови, дигитални и надворешни реклами, ПР активности, инфлуенсер маркетинг и промотивни активности во сферата на онлајн трговијата. Кампањата ќе се реализира во текот на следните четири месеци.
Во создавањето на кампањата учествувале креативната агенција Droga5 Dublin и продукциските компании The Corner Shop и Gabha Studios, потпомогнати од Unit+Sofa, Union Editorial и String and Tins.