Икеа ја отвори својата прва продавница за половен мебел во историјата надвор од главниот град на Шведска, во градот Ескилстуна, во локалниот трговски центар. Во него, ќе се собираат оштетени парчиња мебел, ќе се обновуваат и ќе повторно ќе се препродаваат по пониска цена од оригиналната.
Рециклирањето на стар мебел и негова препродажба се дел од новиот модел на овој шведски гигант, кој се стреми да стане еколошки поприфатлив, а до 2030 година „целосно кружна и климатски прифатлива компанија“.
Компанијата ќе започне да нуди можност за купување на користен мебел од купувачите во сите свои продавници, а користениот мебел ќе се продава само во градот Ескилстуна. Тоа е пилот-продавница која ќе биде внимателно надгледувана и прилагодувана доколку е потребно.
Локацијата во трговскиот центар ReTuna во Ескилстуна е избрана намерно, бидејќи покрај центарот се наоѓа станица за рециклирање, а се смета дека трговскиот центар е еколошки ориентиран. Главно се продаваат половни предмети и органски и одржливо произведени производи.
Со продажба на користен мебел во центарот ReTuna, Икеа ќе се обиде да открие зошто одредени парчиња често се фрлаат, во каква состојба се кога купувачите повеќе не сакаат да ги користат, а пред сè, колкав е интересот за користени, но обновени парчиња мебел.