Темна и мистериозна просторија каде жена во прекрасен фустан свири виолончело под рефлектор. Влегува помпезен и енигматичен човек кој продолжува во претенциозен стил да презентира луксузен кујнски мебел. Камерата се фокусира на неговото лице и тој гордо изјавува: „Ние сме Eureka Spiritsis“.
Ако помисливте дека се работи за некој луксузен бренд на артистички мебел, ќе згрешите, бидејќи Eureka Spiritsis е анаграм за “Surprise, it’s IKEA” („Изненадување, тоа е ИКЕА“). Всушност, се работи за новата пародична кампања на шведскиот бренд за мебел, со која ги исмева конкурентите од категоријата на „луксузен мебел“.
Според IKEA, нивните производи можат да се пофалат со повеќегодишна гаранција, квалитетна изработка и беспрекорна функционалност, без додатната „тежина“ на помпезноста и лажната софистицираност.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција Mother London.