Брендот за мебел IKEA во Британија објави оглас за вработување на „Генерален директор за игра“ (“Chief Play Officer”), чија задача ќе биде да ги тестира новите играчки на компанијата и да даде зелено светло дали тие може да се најдат во продажба.
Според огласот, новиот „директор“ треба да биде на возраст помеѓу 4 и 12 години, да има голема имагинација и креативност и да ужива во играњето со играчки. Неговата плата ќе биде едноставна – ќе може да ги задржи сите играчки кои ќе ги тестира.
IKEA во последно време лансира сé повеќе играчки како дел од својата палета на производи, од кои како најпознати се истакнуваат неодамнешната колекција BYGGLEK создадена заедно со LEGO, како и колекцијата JATTELIK која вклучува плишани диносауриси и украси за детска соба.