Home » Во фокусот » Илинка Црвенковска: 5 причини зошто уживам да работам во маркетинг индустријата !

Илинка Црвенковска: 5 причини зошто уживам да работам во маркетинг индустријата !

Пишува: Илинка Црвенковска, креативен директор на маркетинг агенцијата Идеа Плус Македонија

ilinka

Илинка Црвенковска

После девет години и три агенции, еве ги моите 5 причини поради кои уживам да работам во маркетинг индустријата :

Луѓето

Во оваа професија секој ден го поминуваш со најзабавните, најпозитивни, најчудни и најкреативни луѓе. Тимски играчи, спремни на ризик, отворени за промени, ентузијасти, опуштени, бунтовници, луди на свој начин и секогаш тука за тебе. Најдобрите агенции се како големи семејства. Заедно се слават родендени, веридби, свадби, преселби во нови станови, заедно се излегува навечер и се трча на маратон.

 Разноврсноста

Не ти здосадува затоа што постојано работиш на различни проекти за различни клиенти. Среќаваш нови луѓе, патуваш, се прилагодуваш на разни услови и постојано се надминуваш сам себе. Ќе откриеш дека можеш да издржиш 25 часа снимање во континуитет, на 0 или на 40 степени, со кучиња кои ќе сакаат да те гризнат или со еден куп деца кои ќе врескаат и ќе ти се качуваат на глава.

 Учиш нови работи

Додека спремаш кампањи за најразлични клиенти, ќе научиш како се прави вино, како се спречува остеопороза, колку енергија троши една сијалица, зошто жените не пријавуваат семејно насилство… Ќе научиш и една иста работа да ја гледаш од милион различни страни, за секој пат предноста на производот на твојот клиент да ја претставиш на нов и свеж начин.

 Слободата

Кога работиш во агенција немаш дрес код, можеш да дојдеш на работа и во пижами. Не работиш во стерилна канцеларија. Во нашата канцеларија во Идеа Плус има аквариум со желки, топка за пилатес, играчки, се слуша музика и се пее на цел глас. Нема строга хиерархија – и секретарката и Извршниот директор имаат ист однос со тебе – професионален кога се работи, човечки и пријателски за сѐ друго.

 Можеш да бидеш – Ти

Сите претходно набројани точки на крај се сведуваат на оваа една. Адвертајзингот е една од ретките професии во која се цени твоето лично лудило, во која “чуден си“ никогаш нема негативна конотација, во која ќе сретнеш исти будали како тебе и ќе се препознаеш во нив, а и различни будали од тебе со кои исто толку добро ќе се согласуваш.

И има денови кога си одиш дома насмеан…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365