Две години откако првиот човек на компанијата „Тесла“ навести во твит дека ќе продава „Тесла текила“, алкохолниот пијалок по цена од 250 американски долари за шише е веќе распродаден.
Алкохолниот пијалок од агава, наречен “Теслакила“, не може да се купи во моментот бидејќи на веб-страницата на Тесла пишува дека сите количини се распродадени, пренесува Ројтерс.
Фотографиите од страницата покажуваат елегантно шише во форма на молња, многу поразлично по изглед отколку што некогаш го најавуваше Илон Маск.
Целата идеја за текилата се роди во 2018 година како дел од шега за 1 aприл, кога Маск на својот Твитер профил објавил дека Тесла ќе банкротиа. Тогаш Маск објави фотографија од него како онесвестен седи потпрен на Tesla Model 3 и опкружен со шишиња на кои пишува Теслакила. Многумина беа убедени дека станува збор за шега.
Сепак, напорите на милијардерот да влезе на пазарот на алкохол во октомври истата година не беа поздравени од мексиканските производители на текила.
Мексиканското регулаторно тело за текила во тоа време негодувало за името “Теслакила“ затоа што асоцира на текила, што претставува заштитен збор.
Според веб-страницата на компанијата Маск, Текила Тесла ќе биде достапна само во избрани држави во САД, вклучувајќи ги Њујорк, Калифорнија и Вашингтон.